Listen

Description

Оваа епизода планирав да ја снимам и објавам подоцна, но постојано се наоѓам во ситуации да бидам повторно и повторно испровоцирана на оваа тема (дури и во денешно време) и решив дека е време да ја објавам сега. Голем дел од мојот живот патев од комплекс на пониска вредност поради дискриминација на мојата способност поради местото од кое потекнувам или живеам - мојата цел е да работам на тоа за во иднина идните генерации кои потекнуваат од малите места да не поминуваат низ истото. 

Сакате да зборуваме за предрасуди во општеството? Нема проблем! Најпрво заборавете на гордоста и вродената привилегираност дека сте повредни и попаметни од жените (или мажите) кои доаѓаат од малите места, дека по правило местата на високи позиции им припаѓаат на мажи или жени од големите градови.

И најважно од се, почнете да зборувате за вистинските проблеми во нашето општество: недостатокот на решенија кога жената мора да се врати на работа затоа што не смее да користи породилно од страв дека ќе ја изгуби работата, неможноста жените да добиваат повисоки плати во одредени индустрии, мобингот, семејното насилство, дискриминацијата по секаква основа почнувајќи од тоа што ако некоја жена се занимава со земјоделство или потекнува од мало место е недостојна за кариера во одреден сектор, недоволната застапеност на жените на раководни позиции во политичките партии и на раководните позиции во Владата и парламентот и секако поттикнувањето и газењето на една жена кон друга за место во сите овие сектори.

Време е да престанеме да ги осудуваме жените кои сакаат или не сакаат да имаат деца, но и да престанеме да им наметнуваме мислења и лекции и на едните и на другите. Ако решиш да имаш дете, не е крај на светот и нема да ти се уништи животот и кариерата како што тоа се претствавува во денешницата. Ако решиш да немаш дете, не е крај на светот и тоа е целосно твој избор.

На крај: успехот е само Ваш и никој не може да Ви го одземе, без разлика колку и да имаат предрасуди кон Вас. Вистинскиот проблем во нашето општество е неможноста на жената да напредува поради искомплексирани, (често) недоволно образовани мажи и жени со застарени сфаќања. Тие се истите оние кои ги шират предрасудите за жените и ги убедуваат и други жени да веруваат во нив. За да ги надминеме мора да си подадеме рака една на друга и да не се плашиме од успехот на жената која е пред нас. Заедно сме посилни, заедно можеме повеќе.

Оваа подкаст епизода е достапна и во текстуална форма ТУКА.